Животопис на Отец Серафим Роуз напишан од неговиот кум Димитри Андро де Ланжерон
Моето име е Григориј и во периодот од 2003 до 2006 година ја имав честа да поминам доста време, да се молам, и да ги слушам духовните зборови на еден навистина смирен човек кој го сакаше Православието со целото свое срце. Станува збор за Димитри Ланжерон, кој живее со својата сопруга Ирина и нивниот син Никола. Димитри е кумот на отец Серафим Роуз и мошне побожен и богобојазлив човек. Нивниот дом е исполнет со икони, некои многу стари од Русија, а во некои простории речиси половина од ѕидовите се покриени со икони. Има нешто надземско во врска со Димитри и неговото семејство, нешто што најдобро можам да го опишам како старосветско — остатоци од типот на луѓе кои денес речиси не постојат. Тие се молат, постат, постојано зборуваат за Бога и Неговата Света Црква, и навистина не знам дали некогаш сум ги слушнал да зборуваат за нешто друго, освен за основните животни потреби. Во нивниот двор имаат огромна градина (големина на една куќа), и живеат едноставен живот. Го посетував нивниот дом често во текот на тие три години, бидејќи нивниот син има ментална попреченост и со оглед на нивната старост, им требаше помош во грижата за него. Бев платен од Eстер Сиалс за тоа, а Ланжеронови беа среќни бидејќи сакаа некој православен да им помага. За време на една таква посета, Димитри ми отпечати текст кој го напишал за својот кумашин, отец Серафим Роуз. Ако добро се сеќавам, му било побарано да го напише како вовед за една книга, но или не го пратил, или авторот можеби избрал друг вовед. Го прочитав и го ставив на сигурно. По повеќе од една деценија, неодамна повторно го најдов. Го споделувам за сите кои го сакаат отец Серафим Роуз. Ги молам сите кои ќе го прочитаат ова да се помолат за Димитри, Ирина и Никола, кои сега се многу стари и се подготвуваат да преминат во вечноста…
„Убавото нешто е вечна радост:
Неговата убавина расте; никогаш нема
Да исчезне во ништото…“
„Убавината е вистина, вистината е убавина — тоа е сè
Што знаете на земјата, и сè што треба да знаете.“
— Џон Китс (1795–1821)
Јуџин Роуз е роден во 1934 година, во американско протестантско семејство.
Она што го привлече Јуџин — идниот отец Серафим — кон Руското Православно Христијанство беше убавината. Тоа што подоцна го нарече „вкусот на Православието“.
Убавината и страсното барање на вистината — затоа што во суштина, Јуџин имаше филозофски ум. Освен силен и продорен интелект, способен со неколку трезвени зборови да навлезе до суштината на нешто, тој имаше и милосрдно и љубовно срце. Неговата средба со Христос не беше интелектуална, туку скок на вера, акт на чиста љубов. Така ја засака Русија, рускиот народ, Руската Православна Црква Задгранична, па дури и Царот Николај II, маченикот. Русите ги доживуваше како психолошки подлабоки, поискрени и потопли од западните луѓе, со религиозна и мистична наклонетост, слична на ирците.
Јуџин студираше на Помона колеџ (Калифорнија) и на Универзитетот на Калифорнија во Беркли. Беше човек со широка култура, многу талентиран за јазици, течно зборуваше француски и германски. Покрај тоа, научи кинески и јапонски. Подоцна лесно ги совлада рускиот и црковнославенскиот. Студираше и природни науки, во кои особено се истакнуваше. Неговите професори го препознаа како извонредно брилијантен студент.
Ги сакаше музиката (особено Бах), операта, литературата, и поезијата. Од англиската литература го милуваше Дикенс. Ја сакаше природата и животните. Беше атлетски граден и уживаше во спортот на факултет. Беше практичен човек кој знаеше да поправа автомобили, да прави поправки, дури и да изгради куќа.
Но брзо се разочара од празнината на модерниот живот, неговиот рамен материјализам, и од единственото христијанство што го знаеше — протестантско и католичко — за кои чувствуваше дека ја изгубиле духовноста. Виде и дека науката и технологијата, погрешно употребени, полека ја разоруваат природната, прекрасна ткаенина на животот. Барајќи ја вистината на Исток, ги проучуваше кинеската култура и религија, таоизмот, будизмот, зенот и хедонистичките учења на Алан Вотс (поранешен епископалски свештеник кој ја отфрлил својата вера во корист на зен-будизмот).
По некое време, се разочара и од источните религии, сметајќи ги за површни. Се доближи до атеизам, сензуалност и вистински бунт против Бога. Се приближи и до целосен скептицизам — таа страшна состојба на човечкиот ум што во сè се сомнева, сè поблиску до лудило и саморазорување. Оваа состојба е добро опишана во класичното дело на Павел Флоренски, „Столб и Тврдина на Вистината“.
Но, се случи чудо. Јуџин дојде на ноќната служба во Руската Православна Катедрала во Сан Франциско. Беше Велигден — руски Велигден — познат по изобилната радост. Тука тој доживеа нешто од првобитниот дух на христијанството од апостолските времиња. Беше преплавен од убавината на службата, од сè што виде и чу. Рече: „Сега сум дома.“ Сфати дека го нашол она што отсекогаш го барал. Доживеа нешто ниту интелектуално, ниту естетско, туку егзистенцијално. И во него гореше не привремено вознесение, туку длабока духовна страст, трајна решеност да се зачува по секоја цена, која ќе трае целиот негов живот. Оттогаш, полека, сè повеќе беше обземан од Православието.
Постепено го промени својот начин на живот, од световен во подвижнички.
Тогаш го запознав во Сан Франциско. Стана многу драг пријател. Не можам да ги заборавам неговите љубезни, продорни очи, насмевката, трезвеноста, смирението, присебноста, природната благородност. Беше интензивен, но срамежлив. Не познаваше никого меѓу младите руски православни интелектуалци. Му ги претставив моите пријатели. Често се гледавме. Му читав и му преведував класични текстови од руската духовност. Имавме многу разговори…
Ме замоли да му бидам кум кога прими Православие во 1962 година. Ја замоли и мајка ми, која тогаш живееше со мене, да му биде кума. Верно присуствуваше на што повеќе служби во руската катедрала. Брзо научи совршено да пее и чита на црковнословенски.
Но, катализаторот што ја забрза и потврди неговата конверзија беше еден современ светител, Архиепископ Јован (Максимович), кој дојде во Сан Франциско за да помогне во изградбата на новата катедрала. Свети Јован беше аскет. Никогаш не спиеше во кревет, и кога не беше на богослужба, времето го поминуваше служејќи им на сиромашните, понижените, болните и затворениците. На неговите молитви се случуваа многу чуда. Луѓе се исцелуваа. Понекогаш, дури и без телефонска врска, доаѓаше кај болните кога во срцето бараа помош, или едноставно знаеше за нивната мака и доаѓаше — и тие се исцелуваа, дури и во најбезнадежни медицински состојби. Зрачеше љубов и духовна радост. Мнозина што го познаваа, што ја примиле неговата помош и биле предмет на неговата љубов, го сакаа со сето срце. Беа силно приврзани за него. Беше прозорлив. Можеше да сопре самоубиство со еден телефонски повик: „Не го прави тоа!“ Како епископ во Кина за време на Втората светска војна, спаси илјадници од смрт и депортација, организирајќи им префрлување во САД. Многуте сираци што ги спаси сè уште го љубат. Беше понизок по раст, облечен во старо, искинато расо, грбав, со недостаток во говорот. Еднаш, за време на војната меѓу Јапонија и Кина, во престрелка во Шангај, реши да посети православна црква во воената зона. Беше предупреден за голема опасност, дури и смрт. Тој, целосно игнорирајќи го тоа, ја премина зоната. Додека минуваше — престрелката запре. Се врати на ист начин. Јапонските војници стоеја мирно, му одаваа чест, зачудени од случката, велејќи дека Бог му помогнал. Неговите списи и проповеди беа куси и прости, а разјаснуваа најтешки прашања.
Благословот и љубовта на овој човек го поведоа Јуџин во нов живот.
Шеесеттите беа време на голема руска емигрантска „ренесанса“ во Сан Франциско, и религиозна и културна. Имаше многу извонредни личности — клирици, писатели, уметници. Центарот на овој сјај беше свети Јован и повеќе истакнати архиереи со врски кон духовните традиции на стара Русија. Беше голема привилегија да се биде таму во тоа време! Архиепископ Јован го издаваше епархискиот весник („Црковен Благовесник“), чиј прв уредник со благослов бев јас. Следниот уредник беше Јуџин, и таму ги напиша своите први статии што веднаш го покажаа талентот и стилот што оди право во срцето на читателот. Архиепископ Јован организираше пастирски курсеви (богословски курсеви) особено за Јуџин. Штом ги заврши — курсевите беа укинати! Моите пријатели, браќата Заварини, организираа во нивниот дом средби на т.н. „умољубци“ (љубители на мудроста), со филозофска, но и религиозна и книжевна насоченост. Доаѓаше и Јуџин и зборуваше за своите идеи. Доаѓаше и професорот Иван Концевич (брат на епископ Некариј), даровит и познат богослов. Присуствуваа и професори од Беркли. Дискусиите траеја до доцна во ноќта (теми: Хегел, Кант, Достоевски, проф. Иван Илин, границите меѓу науката и религијата).
Службите во катедралата во Сан Франциско, особено на Велигден, беа незаборавни. Нивното дејство врз душата беше посилно и од најдобрата класична музика. Пеењето на величествениот хор, иконите опкружени со свеќи, клирот во блескави одежди, ѓаконите со неверојатно длабоки и моќни басови; светиот Архиепископ; самата служба — сето тоа заедно создаваше чувство на убавина што навистина преплавува и поттикнува на молитва. Хорот го водеше Михаил Константинов (поранешен член на Киевската опера), длабоко религиозен човек, сакан од сите. Неговиот ентузијазам беше заразен. И јас пеев во овој хор, а подоцна и Јуџин.
Се сеќавам на едно велигденско утро што го поминав со Јуџин по пасхалната служба. Според рускиот обичај, го гледавме изгрејсонцето. Се вели дека тогаш „сонцето игра“ (солнце играет). Го созерцувавме со стравопочит. Зборувавме за чувството на „светлина“ што може да се доживее во Црква — не обична физичка светлина, туку нешто подлабоко, што го исполнува срцето со радост. Сè останува исто, а сепак сè е преобразено…
Праведните секогаш се гонети. Архиепископ Јован беше прогонуван, навредуван и клеветен. Беше поднесена тужба против него: го обвинуваа за незаконски црковни избори и проневера на црковни средства (!!!). Неговите непријатели сакаа да ја запрат изградбата на катедралата. Сите ние (вклучувајќи го и Јуџин) што го сакаме Светителот се боревме за неговата одбрана. Ни помогнаа повеќе архиереи, особено епископ Некатриј (Концевич), епископ Сава (Сарачевиќ), правникот епископ Леонтиј (Филипович) од Чиле и архиепископ Аверкиј (Таушев) од Џорданвил, Њујорк. Тогаш јас бев секретар на Архиепископот и член на Парохискиот совет. Борбата беше добиена. Новата катедрала беше изградена, величествена градба на Џири Булевар (Geary Boulevard), со златни куполи видливи оддалеку — денес еден од симболите на Сан Франциско… Но набргу потоа, со скршено срце од сета болка и стрес на долгата и горчлива борба, Архиепископ Јован почина, на 2 јули 1966. Беше прославен (канонизиран) од Руската Православна Црква Задгранична во 1994.
По сето ова, животот на Јуџин зеде вонреден пресврт. Му го предаде својот живот на Христос — целосно, апсолутно. Се повлече во пустината близу Платина, Калифорнија, заедно со својот пријател Глеб Подмошенски (Глеб, идниот игумен Герман, ме запозна со Јуџин). Со свои раце изградија мал манастир: неколку мали, скромни градби, без греење, електрична енергија, телефон, водовод (само поток во долината). Во ова мирно опкружување, животот на Јуџин беше постојана молитва… И покрај тешкотиите, беше восхитен што е среде природата. Животни, кои ги сакаше, доаѓаа да ги храни… Ретко и неволно го напушташе манастирот. Немаше никаква желба да патува, да посетува други места. Беше среќен таму каде што е, затоа што, како што рекол еден поет, можеше „Да го види светот во зрно песок, И Рај во див цвет; Вечноста во дланка да ја држи, И век во еден час“ (Вилијам Блејк, 1757–1827).
Јуџин стана о. Серафим, иеромонах. Продолжи да уредува списание („The Orthodox Word“ — започнато во Сан Франциско), чија главна тема беа животите на светителите и пустиножителите. Списанието стана успешно. Отец Серафим ги допре животите на илјадници луѓе. Мнозина се запознаа со верата поради него. И покрај неговиот подвижнички живот, сличен на оние од пустината, наоѓаше време да пишува, а неговите дела привлекоа веднаш внимание тука (САД), во Европа, насекаде, а особено во Русија. Се издвојуваат две негови книги: „Православието и религијата на иднината“ и „Душата по смртта“. Можеби стана еден од најдобрите религиозни писатели на дваесеттиот век. Сè што напиша е значајно за оние што се интересираат за верата: за младите, за почетниците и за зрелите во верата.
Отец Серафим преведе многу основни руски духовни текстови и книги, на пример оние од Архиепископ Аверкиј од Џорданвил (Светотроицки руски манастир, Њујорк). Напиша прониклива патристичка расправа за теоријата на еволуцијата. Го ценеше свети Августин, ги читаше неговите „Исповеди“ во Великиот пост и често го спомнуваше во своите списи. Имаше отворен ум.
Но отец Серафим беше многу критичен кон американската академска средина, каде што, според него, Вистината не е важна, туку само „интелектуални игри“. Имаше есхатолошка насоченост, предвидувајќи го „крајот на времето, на историјата“. Ја поврзуваше иднината на Русија со иднината на човештвото. Секогаш повторуваше: „Борете се! Подоцна е отколку што мислите.“ Многу постигна поради длабоката духовна страст што постојано гореше во неговото срце.
Отец Серафим секогаш велеше: „Умот држете го на Небото, а нозете на земјата.“ Тоа беше суштината на неговата философија, тајната на неговото влијание: пристап практичен, „приземен“, а во исто време подвижнички и духовен. Ги ценеше смирението и умереноста, и имаше голема почит кон туѓите мислења. Беше трпелив, кроток и полн со љубов. Секогаш повторуваше: „Не обвинувај ги другите. Себеси обвини се. Не се оправдувај. Секогаш гледај ги своите гревови и не го осудувај братот.“
Останав во контакт со него. Разменувавме писма. Еднаш — реткост — го посети Источниот Брег и престојуваше кај мене во куќата во Њу Џерси, каде што ни одржа беседа. Зборуваше за животот во манастирот, во пустината, за животните во шумата… Пак говореше долго и со голема љубов за Русија, за проблемите со кои се соочува денес, за доаѓачкото воскресение на верата, за страдањата на руските верници и за прогонството на отец Димитриј Дудко — „зашто привлекуваше премногу внимание и правеше премногу обраќања“. Потцртуваше дека треба да Му бидеме благодарни на Бога за Неговата милост: што го имаме богатството на Православието достапно, што ги имаме Светите Тајни, што имаме Црква каде можеме да се молиме… Тогаш го возев до Џорданвил, Њујорк, и до Лејквуд, Њу Џерси. Во автомобилот пеевме заедно…
Почина во 1982 година, по кратка болест, на млади 48 години, во полниот расцвет на своите таленти. За него, за нашиот драг пријател, никогаш незаборавен, можат да се применат следниве зборови од Библијата:
„Но иако праведникот ќе биде пресечен со смрт, тој ќе биде во мир.
Зашто чесната старост не е онаа што стои во долг временски век, ниту се мери со број на години;
Туку мудроста е седина за луѓето, и непорочниот живот е старост.
Му угоди на Бога, и беше возљубен од Него; па живеејќи меѓу грешници, беше преселен.
И бргу беше земен, за да не му го промени злобата разумот, ниту измамата да му ја прелаже душата…
Совршен станувајќи во кратко време, исполни долг живот;
Зашто душата му Му беше мила на Господа, затоа Тој побрза да го земе од среде злите.“
(Книга на Мудроста 4:7–11, 13–14)
Димитри Андро де Ланжерон
30.8.2015
Извор: OrthodoxChristian
Иконата е од: UncutMountainSupply