Браќа и сестри! Денес молитвено го величаме светиот, на нашево време блискиот, преподобен Серафим Платински, кој заблеска во Руската Православна Црква Задгранична во страшниот 20 век. Сите знаеме дека во Православната Црква има свети Божји угодници наречени преподобни. Преподобни се монасите кои сосема слободно и свесно, спознавајќи ја и оплакувајќи ја својата гревовна изопаченост, се стремеле кон светост, трудејќи се да се уподобат на Исус Христос и успеале на тој пат, исполнувајќи ги со смирение и покајание заветите на безбрачност, послушание и нестекнување (неприврзаност кон имот). Со други зборови, преподобните од искуство спознале дека Православието е живо општење на Бога и човекот, на небесните и земните, на живите и упокоените, и дека уподобувањето на Бога е највисоката цел и суштината на духовниот живот на секој православен христијанин — откривање во себе на моралните својства на Божјиот образ, со дејството на Божествената благодат. Не е случајно што поучувале дека оваа можност се дарува само во живо соединување со Христос во Неговата Црква. „Зашто без Мене не можете да направите ништо“, по словото на Господа (Јн 15,5).
„Кој ја соединил својата волја со Божествениот Дух, тој станал богоподобен; примајќи Го Христа во срцето, тој (навистина) станал христијанин од Христос, имајќи во себе единствено Него вообразен — сосема недофатлив и навистина непристапен за сите созданија“, — пишува преп. Симеон Нов Богослов.
Меѓу ликовите на светите во Руската Православна Црква Задгранична заблеска преподобниот Серафим (Роуз). Роден е на 13 август 1934 г. во Сан Диего, Калифорнија, САД, во неправославна средина, но барајќи ја вистината во овој земен живот, тој ја најде живата Вистина — Христос, во Неговата Света Црква — Православната Црква. Тогаш младиот Јуџин стана духовен син на сега во целиот свет почитуваниот Светител Јован Санфранциски, светител на Руската Православна Црква Задгранична. Прими монаштво и стана свештенослужител на РПЦЗ, иеромонах. Преподобниот Серафим, преку монашкиот начин на живот, со смирение, покајание и расудливост, се стремеше кон богоподобие преку молитва, пост и труд. Ја бранеше црковната вистина во Руската Црква, го разобличуваше „сергијанството“ — погубната, нечестивa заедница на црковната организација со богоборците, говореше за Катакомбната Црква и новомачениците во богоборната земја на советите, им се спротивставуваше на ереста на екуменизмот — разобличувајќи го современото отстапување од Христос, млакоста на христијаните, и во исто време советуваше да се пазиме од погубните крајности во духовниот живот: рамнодушноста и „ревноста не по разум“. Многумина ги приведе кон Христос и кон единство со Православната Црква. Со време стана познат на многу православни како мисионер и духовен писател, автор на бројни трудови што силно влијаеја врз православните христијани во САД и на нашата постсоветска татковина.
Преподобниот Серафим се пресели кон Господа на 48-годишна возраст, на 2 септември 1982 г. Прославен е во чинот на преподобни на РПЦЗ, од Архиерејскиот Собор на РПЦЗ, под омофорот на Первоиерархот Митрополит Агатангел, во делот од РПЦЗ што не влезе во унија со советската лажна црква, на 08/21 ноември 2024 г. во Синодалното Претставништво на РПЦЗ во Одеса.
Како што знаеме, за нас православните христијани, светителите не се „митски“, далечни и недостижни личности. Самиот Спасител рече: „Зар не сте читале што ви е речено од Бога: Јас сум Бог Авраамов, и Бог Исаков, и Бог Јаковов? Бог не е Бог на мртвите, туку на живите“ (Мт 22,31–32). Светителите се наши блиски духовни браќа по вера, пријатели и наставници, кон кои ние, сè уште „пловејќи по бурното море на животот“, прибегнуваме со молитва за помош, поучувајќи се од примерот на нивниот многутруден покаен живот.
„Како трговец што бара добар бисер, го најде Православието, и ја проповедаше вистинската вера, повикувајќи ги сите на покајание. Нека засветли во нас Христовата светлина по твоите молитви, преподобни Серафиме, оче наш.“ (Тропар, глас 8). Амин.
- Архиепископ Георгиј
- 20/02 септември 2025 г.
Извор: ИнтернетСобор